За ХАЕМУС

 

ХАЕМУС е центар за научно истражување и промоција на културата за Балканскиот полуостров основан во 2012 година и до денес прерасна во единствена организација од овој вид на Балканот. ХАЕМУС се стерми кон промовирање на научното истражување и култура на Балканскиот Полуостров, нудејќи широк опсег на услуги за културното наследство. Тие спаѓаат во неколку категории, вклучувајќи: истражување, управување со културни ресурси, публикации, образование, промовирање и туризам.

Главната и примарна цел на ХАЕМУС е научно истражување во областа на археологијата, историјата, културата и уметноста. Посебно внимание се посветува на споделување на културното наследство на Балканот преку публикување (објавување) на експертски и популарни книги, брошури, помошни едукативни работи, каталози и мапи. Целта е запознавање на професионалната и широката јавност со археологијата, историјата и заедничка култура на прецизен и вистинит начин. Исто така организацијата обезбедува консултантски услуги и помош при креирање на аудио-визуелни материјали, како што се аудио-водичи, документарци, видеа и други промотивни материјали поврзани со културното наследство. Организира и различни типови на образовни активности, како што се предавања, работилници, семинари или конференции. Во тој контекст го води и официjалниот UNESCO club HAEMUS, кој помеѓудругото вклучува едукативни тури и јавни предавања под мотото на Отворени Едукативни Ресурси, во согласност со политиките на UNESCO за ОЕР. Главната цел е отворен пристап до знаење, особено на Интернет.

Организацијата го публикува еднаш годишно HAEMUS Journal (ISSN 1857- 8411) академски електронски часопис посветен на историјата и археологијата на Балканскиот Полуостров, кој исто така, опфаќа широк спектар на поврзани интердисциплинарни проучувања.

ХАЕМУС поседува и HAEMUS e-shop, мала одржлива електронска продавница. Во рамки на оваа активност покрај продажба на сувенири од богатото културно наследство на Балканот, огранизира кратки и долги тури кои им овозможуваат на посетителите да се релаксираат и уживаат во посетата на места и споменици лоцирани во различни градови и региони во Република Македонија. Овие тури се водени од професионални археолози, историчари на уметноста и етнолози со квалификувана лиценца за туристички водич, добиена од Министерството за култура на РМ.

ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата од Скопје е доглогодишен член на EXARC.

ХАЕМУС – центар за научно истражување и промоција на културата го поддржува историското и археолошкото истражување, едукација, популаризација, промоција и менаџмент и управување со културното наследство на Балканскиот Полуостров, како заеднички бенефит од минатото.

Тимот на ХАЕМУС
Центар за научно истражување
и промоција на културата
icon_facebook icon-twitter icon-youtube

 

HAEMUS_Skupini_Romani_site_icon

Print Friendly