Името и логото

 

Територијата на Римската империја била огромна, од Скандинавија па се до Индија. Во обид да ја претставиме комплексноста на стариот Рим, а сепак му дадеме на нашиот фестивал географска одредница, името и логото се грижливо избрани како печат на времето и местото на случување, за никогаш да не си ги заборавиме нашите невидливи корени.

HAEMUS_Skupini_Romani_logo

Името 

SCUPINI ROMANI во превод на латински значи ,,Скупските Римјани” или ”Граѓаните на римскиот град Скупи”. Ако внимателно ги читате научните текстови посветени на археолошкиот локалитет Скупи, во нив провејуваат неодоливо мистериозните тајни прикаски за еден почитуван писар, за една незнајна кафеанска танчерка, за една еврејка необично погребана во оловен саркофаг, за еден учен скупски хирург…

Археологот Ленче Јованова, која заедно со д-р. Марина Ончевска-Тодоровска е раководител на ископувањето на археолошкиот локалитет Скупи, во еден свој научен текст вели: ‘За да се разберат содржината и суштината на приказната, да се реконструира реалниот живот на минатото, неопходно е да се употреби голема имагинација која ќе ги оживее творештвото, креативноста, емоците, мислите, сетилата, соништата, стремежите на некогашните жители на Скупи – наши претци, чии судбини се нераскинливо вградени не само во археолошките остатоци, туку во самите нас и нашата колективна меморија‘.

Логото

Логото е всушност цртеж од еден тип на луксузна римска грнчарија која во науката  J.W.Hayes (1963) ја именувал како ,,Македонска сива тера сигилата“. Покрај широко распространетата и препознатлива римска црвена грнчарија, на археолошките локалитети од доцноантичкиот период се среќава уште еден тип на луксузна керамика. Се работи за доцноантички тип на грнчарија којашто е пронајдена на многу археолошки локалитети од римскиот период на Балканот, но главно е раширена во Македонија и оттаму го добива својот научен епитет. Нашето лого е визуелизација на една прекрасна мала луксузна римска керамичка чинија пронајдена на археолошкиот лоокалитет Скупи во Скопје. За дизајнерското решение на логото му благодариме на Paul Adams кој има богато портфолио во брендирање на организации, институции и фирми со креативен дизајн.

 

Тимот на ХАЕМУС
Центар за научно истражување
и промоција на културата
icon_facebook icon-twitter icon-youtube

 

 

HAEMUS_Skupini_Romani_site_icon

Print Friendly